Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев обвини дека Владата во соработка со АВМУ подготвува „финален удар“ против партијата во пресрет на изборите. Според него, преку контроверзно толкување на Изборниот законик и ново упатство за рекламирање, Левица ќе биде оштетена за речиси 400.000 евра и ќе ѝ се оневозможи пристап до национални медиуми.
Апасиев најави тужби и побара Уставниот суд итно да реагира со времена мерка.
„Граѓани, земјаци и другари – ЧУЈТЕ И ПОЧУЈТЕ
Хибридниот вмроиден режим, директно по директива на премиерот Мицика, во дослух со вечниот директор на АВМУ (подлизуркото Зоран Трајчевски), за утре го планираат ФИНАЛНИОТ УДАР против Левица за овие избори. Имено, гледајќи го порастот на анкетите, и не можејќи да смислат соодветен противотеов – сакаат илегално, преку “креативно толкување” на Изборниот законик, со Упатство за рекламирање, да ја оштетат Левица за приближно 350.000 до 400.000 ЕУР. Со ова не само што ќе ни ги ускратат парите за платено политичко рекламирање, кои по закон ни следуваат, туку и ефективно ќе ни забранат пристап до портали и национални телевизии и медиуми (дури и кога би сакале самите да си платиме)!
За ова ќе следуваат низа тужби и кривични пријави против членовите на Советот на АВМУ, но јавно го повикуваме Уставниот суд со ВРЕМЕНА МЕРКА донесена по службена должност да ја суспендира примената на ова драконско и контроверзно упатство, како смислен недемократски удар врз парламентаризмот и плурализмот, кои се уставна категорија.
Колку за илустрација – на пример, на Моника Зајкова од ЛДП (со 1 пратеник) би и следувале околу 300.000 ЕУР за реклами на ТВ, а на Левица (со 6 пратеника) – би и следувале 0 ЕУР + банирање на било која телевизија!
За ова, некој ептеееееен дебело ќе го крка“, стои во објавата на Апасиев на социјалните мрежи.