Лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев смета дека има коалициски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН околу предлог-законот за бранители никогаш да не стигне на дневен ред на надлежната собраниска комисија. Според она што го кажа пратеникот на прес-конференција во Собранието, процесите се запрени и според Апасиев, тоа свесно се прави.
Апасиев обвини и дека има смислена стратегија да се саботираат комисиите кои што ги води Левица.
И СДСМ вчера ги обвини пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ дека се против решавање на статусот на бранителите. Според пратеникот на најголемата опозициска партија, Јован Митрески, „ако досега се криеја зад Африм Гаши, денеска го покажаа вистинското лице“. Како што вели пратеникот, неговите колеги гласале против на дневен ред да биде ставена точка со која ќе се задолжи претседателот на Собранието да се закаже седница за да се реши статусот на бранителите.
Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов истакна предлог-законот за бранителите не се работи за бранителите, туку за загинатите во двете хеликоптерски несреќи кај Блаце и Струмица, за загинатите во „Диво Насеље“, за сите загинати припадници на АРМ и полицијата од 1991 година до денес и за десетина семејства на загинати бранители од 2001 година. Според Ангелов, ниту еден жив бранител не е опфатен со овој закон и терминот Закон за бранители е целосно погрешен. Упати и критики кон пратеничката Славјанка Петровска.