Апасиев ја користи Анкетната комисија за политички поени, тврди Стојаноски

Стојаноски ја обвини Левица дека ја закажала Анкетната комисија за Кочани на истиот ден кога е предвидено да се одржи и седницата на Буџетот

од Nikola Popovski
4 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој истакна дека пратеничката група на Левица ја закажала собраниската Постојана анкетна комисија за човекови права и слободи на истиот ден кога е предвидено да се одржи и седницата на Буџетот, на која што посочи дека присуството на поголемиот дел од пратениците од владејачкото мнозинство е неопходно за усвојување на дневниот ред, но и за понатамошно гласање на Буџетот.

„Вториот апел би сакал да го упатам исто така до сите пратенички групи, а особено до пратеничката група којашто и ја управува таа комисија, ние сакаме да учествуваме на Комисијата која е закажана на 9 декември, но во истиот тој ден е закажана и Седница на буџетот на која што најголем дел од пратениците од мнозинството треба да бидат присутни, за да гласаат и дневен ред, но потоа и практично не може да се предвиди дали ќе треба тој Буџет да се гласа одма или заради говорниците понатаму и сметаме дека е коректно сите заедно да се договориме за датум на којшто ќе можеме да бидеме присутни сите, на којшто ќе можат да бидат присутни сите коишто се повикани, на кој што ќе можат да бидат присутни и премиерот на Владата на Република Македонија и на тој начин да им ги дадеме одговорите и на родителите и на оние подносители на таа иницијатива“, рече Стојаноски.

Стојаноски порача дека е неопходно заедничко усогласување на датумот, за да се обезбеди целосно присуство и продуктивност на Комисијата.

„Така да практично сметам дека и за ова треба да најдеме еден заеднички јазик со којшто ќе успееме таа комисија да ја одржиме и да бидат присутни сите оние коишто се поканети од тој којшто ја има закажано и од оние коишто ја имаат поднесено иницијативата“, рече Стојаноски, додавајќи:

„Да не правиме политика од овие трагедии. Анкетните комисии да бидат можност за одговори на сите прашања и за формирање на систем кој што ќе биде безбеден за сите“.

Пратеникот упати апел до сите пратенички групи да го поддржат одржувањето на Анкетната комисија предложена од над 75 пратеници и која се однесува на големите трагедии кои се случија во Република Македонија. Стојаноски посочи дека пратениците и Собранието како орган има должност и обврска да ги даде одговорите на сите трагедии и за кои граѓаните сè уште имаат неодговорени прашања и дилеми дека не сите виновници се изведени пред лицето на правдата.