Апасиев: Мицкоски преку АНБ ме следи мене и моето семејство

Зошто го правиш истото што не сакаш да ти го прават, па денес пак илегално следиш опозиција преку истите служби кои тебе те следеа, прашува лидерот на Левица

од Nikola Popovski
104 прегледи

Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев тврди дека тој и неговото семејство се следени од сегашните служби во Агенцијата за национална безбедност. Прстот го вперува во премиерот Христијан Мицкоски.

Апасиев исто така откри дека и тој бил следен и прислушуван во изминатите години – барем таква информација добил од сегашниот премиер, а тогашен лидер на опозицијата.

„Кога беа протестите против т.н. Француски предлог за бугаризација (2022), ми се јави сегашниот премиер #Мицика, да ме предупреди дека СУМ СЛЕДЕН И ПРИСЛУШКУВАН од Службите, заедно со него и со уште пет-шест имиња кои нема сега да ги откријам, од шо не е моментот. Му се заблагодарив културно на „упозорењето“, иако знаев дека не е искрено, туку од тоа да се самозаштити самиот (оти во тој момент ме бараше скоро секој ден да се слушаме, коо да сме дечко и девојка, скраја да е)…

Денес гледам, не ме спомиња ич и вика дека само он бил следен, пошто ваљда само он бил ОПОЗИЦИЈА на СДС!?  Важи брату нарцисоиден, биди така.

p.s. Туку, друго ми беше муабетот – зошто го правиш истото што не сакаш да ти го прават, па денес пак ИЛЕГАЛНО следиш опозиција (вклучувајќи ме и мене со семејството), преку истите служби кои тебе те следеа?“, стои во објавата на Апасиев.

Агенцијата за национална безбедност пред околу еден месец доставила три известувања до Јавното обвинителство за поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во службата.

Внатрешната истрага за постапувања во периодот од 2019-та до 2024-та година довела до сознанија за оформување предмети за оперативни обработки на опозицијата, лидер на опозициска партија и група новинари и медиуми чија цел била уривање на власта. Цел на обработка бил и јавен обвинител и министер во тогашната влада. Истрагата на агенцијата утврдила дека во овие случаи противправно биле користени материјално-техничките ресурси и се спроведувало незаконско следење на комуникациите. Било утврдено и свесно одолговлекување на безбедносни проверки, а како пример, од агенцијата посочуваат еден пратеник на тогашната опозиција, кому намерно му била пролонгирана постапката за добивање безбедносен сертификат.