Апасиев најавува интерпелација за Милошоски поради неговата посета на Тајван

од Nikola Popovski
96 прегледи

Лидерот на Левица и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев ја критикува посетата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на Тајван.  Според Апасиев, со ова директно се нарушуваат односите со Народна Република Кина

„Овој вмровски дипломат ја продолжува десничарската традиција на „лутење“ на Кина, која после авантурата на Циле и Љубчо на крајот на 1990-те, како држава не донесе до ГРАЃАНСКА ВОЈНА после повлекувањето на силите на Обединетите Нации од косовската граница (војната со албанските терористи од 2001 е директна последица на мајтапењето со Кина).

Дали овие ВМРОИДИ се свесни што прават!? Дали знаат дека ‘рчкањето со две од петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на ООН може да не чини губење на државата во новите геополитички релации“, објави Апасиев на социјалните мрежи, најавувајќи дека ќе следува интерпелација за Милошоски во Собранието, поради, како што истакнува, „неговата авантура“.

Уште вчера од Асошиејтед Прес објавија дека кинески дипломати вршат притисок врз претставници на најмалку шест земји, вклучувајќи и Македонија, да не присуствуваат на Самитот на ИПАК што се одржува во Тајван.

Од АП разговарале со организаторите и тројца пратеници и ги разгледале текстовите и мејловите испратени од кинески дипломати во кои се прашуваат официјалните лица дали планираат да присуствуваат на самитот.

„Јас сум Ву, од кинеската амбасада. Слушнавме дека добивте покана од ИПАК, дали ќе присуствувате на конференцијата што ќе се одржи следната недела во Тајван“, гласела пораката испратена до пратеникот и екс-министер, Милошоски.

Самитот започна денеска и го одржува Интерпарламентарната алијанса за Кина, или ИПАК (IPAC), група од стотици пратеници од 35 земји загрижени за тоа како демократиите му пристапуваат на Пекинг. ИПАК долго време се соочуваше со притисок од кинеската влада: некои членови беа санкционирани од Пекинг, а во 2021 година групата беше цел на хакери спонзорирани од Кина, според обвинението на САД објавено претходно оваа година.

Слични содржини