Апасиев: Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судија да не одговара за незаконска примена на правото

-Немаме CV на судиите, не знаеме што бираме. Одете на сајт на судија нема ни слика ни тон, а може да ве осуди доживотна казна затвор, рече, меѓу другото, Апасиев

од Nikola Popovski
19 прегледи

„Никаде го нема укинувањето на одговорноста на судиите. Па, ако треба и Устав треба да смениме за тоа. Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судија да не одговара за незаконска примена на правото или изворите на правото зошто не ги дискутираме како суштински“, рече пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев на расправата за Предлог-законот за Судски совет.

Апасиев од собраниската говорница праша зошто не се размислува во насока за укинување на трајниот мандат на судиите. Тој цени дека треба да се врати првичниот југословенски модел – мандат од девет години.

-Девет години и фајронт, толку. Само нагоре можеш да идеш во Апелација или во Врховен. Ако не те бива, биди адвокат, нотар или што сакаш, кажа пратеникот.

За разрешување на судијата, Апасиев вели дека е „ѓаволско тешко да се разреши“, а многу е лесно да се назначи.

-Немаме CV на судиите, не знаеме што бираме. Одете на сајт на судија нема ни слика ни тон, а може да ве осуди доживотна казна затвор, рече, меѓу другото, Апасиев.

Со 73 гласа „за“ и само еден „воздржан“, македонското Собрание денеска ги усвои измените на Законот за Судски совет. Овие законски измени имаат за цел да ја вратат довербата во судството преку отстранување на системските слабости и воведување на повисоки стандарди за транспарентност и отчетност.

Една од најзначајните новини е воведувањето јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, со што се става крај на претходните контроверзни практики. Исто така, законот прецизно ги дефинира критериумите за тоа кој може да биде избран за „истакнат правник“ и воведува задолжителна јавна расправа при избор на членови кои не се од редот на судиите.