Лидерот на Левица, Димитар Апасиев смета дека и актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски треба да сноси одговорност за пожарот во кочанската дискотека и смртта на 59 лица. Оценува дека е нејасно зошто премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и обвинителите од Основното јавно обвинителство Кочани го поштедиле од истрага и не му дале својство на „осомничен“ и „обвинет“.
-Согласно чл. 8 од посебниот Закон за Државен пазарен инспекторат (Сл. весник на РМ бр. 24/2007), кој досега е менуван и дополнуван 15 пати, токму ДПИ е изрично надлежен за „изрекување инспекциски мерки со цел отстранување на утврдени неправилности“, објави Апасиев.
Дополнително, додава тој, во Законот за угостителската дејност (2004), како lex specialis за диско-клубови и кабареа, Државниот пазарен инспекторат е споменат дури 40 пати.
-Или да ви објаснам, per analogiam, што всушност прават и како ја замајуваат јавноста со првичниве апсења: ова би било исто како за кривично дело „убиство“ сторено со пиштол, да го обвините производителот на пиштолот во фабриката, а не и непосредниот извршител кој го повлекол чкрапалото!?, стои меѓу другото во објавата на Апасиев.