Апасиев: Независните се скараа уште од старт откако Зајкова не им го даде печатот

од Nikola Popovski
118 прегледи

Лидерот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев го прокоментира потегот на независните граѓански иницијативи преку формирање партии да направат пат за учество на локалните избори oткако власта и опозицијата им забранија да учествуваат на изборите. Апасиев смета дека граѓанските иницијативи се раскарале уште на самиот почеток.

„Се искараа „независниве“ уште од старт за тоа колку партии да напраат, откако Моника Зајкова не им го даде печатот. Шо би рекол бољшевикот Ленин: „Зеленичарењето како детска болест на активизмот““, стои во објавата на претседателот на Левица.

Независните граѓански иницијативи „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“ најавија дека ќе формираат партија за да можат да учествуваат на изборите. Пред два дена и граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ најави формирање на своја партија за да може да учествува. За формирање партија потребни се 1.000 потписи.

„Локално“ веќе пишуваше на темата откако претставниците на независните граѓански листи побараа итно да се направат измени на Изборниот законик за да им се овозможи да учествуваат на локалните избори. Уставниот суд на 20 мај ги укина измените кои пратениците ги донесоа во март 2024, со кои прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи да учествуваат на избори се крена на еден процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица. Но, сега повторно по скратена постапка во Собранието е поднесен предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик, со кој прагот за потребни потписи се зголемува.

Слични содржини