Апасиев повторно бара оставка од Тошковски: „Во Србија дури падна и Владата за трагедијата во Нови Сад“

од Nikola Popovski
238 прегледи

Откако министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски се огласи по, како што ги нарече, координираните напади кон него од страна на опозициските партии, лидерот на Левица, Димитар Апасиев упати нови критики кон првиот полицаец во државата.

-Досега, при секоја голема трегедија, актуелните министри си поднесуваа ОСТАВКИ, кои потоа премиерите (Груевски и Заев) – не им ги прифаќаа!? Во Србија дури падна и Владата за трагедијата со 15 загинати во Нови Сад. Но, овој бескрупулозен министер, со образ ѓон, кој е познат како “адвокат на урбаната мафија” – нема ниет да ја сфати суштината на оставката од морални причини, иако МВР и те како е криво за она што се случи во Кочани, каде што загинаа 60-на луѓе, а над 200 се повредени! Овој послушник на премиерот, има само една задача – да ја заташка истрагата со цел ниеден актуелен функционер-вмроид да не одговара! Затоа, ние му поднесовме ИНТЕРПЕЛАЦИЈА и со него ќе се соочиме машки на собраниска седница, стои во објавата на пратеникот и претседател на Левица.

Пред тоа, Тошковски рече дека најинтересна е улогата на Левица, кои ги нарекува, „политичките паразити кои живеат и се хранат од народниот гнев создаден токму од нивните денешни партнери, ДУИ и СДСМ“.

-Левица, која со години не пропушта можност да се претстави како алтернатива, всушност е само уште една алатка на истите структури кои на Македонија ѝ ја одземаа иднината. Денес, кога конечно системот се чисти, Левица ги напушти своите наводни принципи и застана во одбрана на токму оние кои ги обвинуваше до вчера. И не е тоа затоа што тие се нова партија со визија, туку затоа што најдобро опстојуваат во времиња кога системот е разнишан, а довербата на граѓаните во институциите е убиена од нивните некогаш прикриени, а денес очигледни сојузници, стои меѓу другото во пораката на министерот за внатрешни работи. Тој порача дека правдата почнала да тропа на вратата на секој оној кој мислел дека таа никогаш нема да го посети.

Вчера Левица во Собранието поднесе интерпелација токму за Тошковски која треба да се најде на дневен ред на една од наредните седници. Првиот основ е немањето никаква контрола врз дискотеката „Пулс” во Кочани. „Согласно Законот за угостителска дејност, МВР дава согласност за објектот дека ги исполнува условите за заштита на јавен ред и мир. Дополнително, изречни законски надлежности на МВР се и проверка на работно време, проверка на гласност и бучава, присуство на малолетници, точење алкохол и употреба на наркотични супстанции“, рекоа од Левица.

Тошковски не се согласува со мислењето дека има „амнезија“ околу истрагата за пожарот во дискотеката. Одговарајќи вчера на новинарски прашања за трагедијата во Кочани, рече: „Амнезија имаше во минатото, кога за несреќи каде што загинаа 75 луѓе, МВР не поднесе ниту една кривична пријава против ниту едно осомничено лице“.

Слични содржини