По вчерашната седница во Собранието на која можеа да се поставуваат пратенички прашања, не престануваат препирките меѓу шефот на Владата, Христијан Мицкоски и лидерот на Левица, Димитар Апасиев кој воедно е и пратеник. Откако вчера се нарекуваа со нагалени имиња, пратеникот на социјалните мрежи информираше дека „добивал бакнежи“ од премиерот.
„Иначе, не ви кажав една сочна ПИКАНТЕРИЈА: додека имав контрареплика кон премиерот, Мицика се понашаше, Бог да чува, како неурамнотежен човек (не се гледа тоа на камера): ми намигнуваше, ми даваше пољупчиња и бацки…!? Пу, пу, скраја да е, непара арен ми стои човеков“, стои во објавата на Апасиев.
Во одговорот на прашањето на лидерот на Левица, Мицкоски го условувал пратеникот со „Димче“. Во репликата, Апасиев му рече дека не се согласува со зборовите на премиерот.
-Почитуван северномакедонски премиер, гледам дека Димче ме викате неколку пати. Димче само мајка ми може да ме вика, така да јас може вас да ве викам Мицика, со оглед дека нема реакција од заменик-претседателот на Собранието, рече Апасиев од собраниската говорница.
Во однос на обвинувањата од страна на Апасиев, премиерот Мицкоски потенцираше дека Апасиев е далеку од тоа што се претставува, укажувајќи дека тој пред народот е против извршителите, освен кога од нив купува три пати поевтин деловен простор во центарот на Скопје.
„Тоа што јас денеска во Собрание го споменав е само континуитет на сите оние навреди, конструкции кои што овој политичар ги рефлектира, најчесто на социјалните мрежи или на собраниската говорница каде ужива имунитет. И ценам дека ова е само почеток, ќе следат уште многу други работи, откривање на работи дека далеку се тие од тоа што се обидуваат на вештачки начин да се претстават, не само тој, туку и тие од неговото опкружување.
Политичката партија Левица кон крајот на ноември 2024 година купува во центарот на Скопје деловен простор, тој призна дека е подрум и приземје, 420 метри квадратни, по цена со ДДВ 295.000 евра. Би рекол или е подарок заради остварување на некаква цел, или договорот има и втор дел кој што ние не го гледаме, и затоа јас реков органите сето тоа да го проверат“, нагласи вчера Мицкоски и објасни дека метар квадратен вреди најмалку три пати повеќе од тоа што тие го платиле и што Град Скопје го проценува.
Апасиев повторно излезе на говорницата велејќи дека тоа што Мицкоски не дал одговор на прашањето, туку само, како што рече, рипал од тема на тема, стручно се вика синдром на дива коза или, уште постручно, вербална дијареја.