Нема да се случи пратеник на Левица да земе патни трошоци, ќе го избркаме истиот ден од партија, нагласил лидерот на Левица, Димитар Апасиев во гостување во „Тешки муабети“ на Инфомакс.
Апасиев навел дека во големите партии владее клиентелизам, дека се купуваат гласови, работни места и слично.
– Јас не сум земал еден денар патни трошоци. Нашата генерална секретарка Јована Мојсоска ја прозва една пратеничка која рече дека немала како да оди во Собрание со 2.000 евра плата. Па како оди работник од Велес во Скопје на работа?, рекол Апасиев, додавајќи дека има максимална партизација и дека буквално „од чистач до портир“ минува на месен комитет за да се вработи.
Тој се осврнал и на критиките и обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ.
-На најголемиот христијански празник ДПМНЕ пушта дип-фејкови. Тие се од Новиот Завет Фарисеите. Оние што беа десетти ешалон во време на Груевски, сега се прв ешалон на Мицкоски. Уште сега се гледа како ќе владеат, ќе линчуваат луѓе, вели Апасиев кој смета дека има договор за менување на Уставот во првите 200 дена по изборите.
-Имаат дил да го менуваат Уставот во првите 200 дена по изборите, да внесат Бугари во Устав. Епа ќе видите кој како се бори во Собрание. Само фотелјите им се битни, тоа се чорбаџиски партии, ние од ќорбаџии не сме виделе аир, оценил Апасиев.
-По денешните лажни вести не мислам да дадам поддршка за Гордана Силјановска, истакнал пратеникот кој нагласил дека нема личен проблем со кандидатката за претседател, но има со лажните вести кои се пуштаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на Левица најавува и враќање на старото уставно име Република Македонија.
-Мојата генерација ќе го врати уставното име Република Македонија. Името ќе го вратиме, не разговарам на темата! Турција си го смени името со нота, зошто ние не можеме? Ама за тоа ти треба долгорочна геостратегија. Си пушташ Декларација, известување ккао Турција, од денеска сме Република Македонија и толку! Јас мислам дека мојата генерација ќе дочека да го врати името. Името може да се врати затоа што не е сменето во легална процедура, од римското право до денес не може неправо да роди право, нагласил Апасиев во гостувањето.