Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот не го прифати предлогот на Димитар Апасиев, дневниот ред на денешната седница да се дополни со надзорна расправа за трагедијата во Кочани. Причина за неприфаќање на овој предлог, како што посочи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, е тоа што веќе е во тек иницијатива за расправа за трагедијата во Кочани што е поднесена до Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, но се чека да заврши истрагата и да биде објавен обвинителниот акт па потоа да се расправа на темата во Собрание.
Апасиев во својот говор порача дека „како Собрание останавме должни“.
-Не одржавме никаква седница, ни комеморативна, не одржавме ниту специјална анкетна комисија, не одржавме ниту надзорна расправа затоа што пратениците на Левица поднесоа Иницијатива за одржување, но ние сме шест и не успеавме да собереме уште деветмина ‘јунаци’. Останува уште ова средство – по иницијатива на член на матичното тело, бидејќи сметам дека и те како сме останати должни на граѓаните од Кочани, истакна пратеникот.
-Чувствувам и морална одговорност ова да го предложам, затоа што во мојата професионална кариера бев пет-шест години асистент, а потоа и доцент на кочанскиот Правен факултет и дел од тие студенти лично ги познавав, како студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“. Сметам дека нема што ние да се криеме и треба да се извади секој кој грешел пред лицето на правдата. Ние сме должни да видиме кој изминативе години, не само од сегашната, туку и од претходната власт грешеле, а грешеле многу… Има низа системски ПРОПУСТИ кои доведоа до 62 човечки жртви, додаде Апасиев, по што продолжи:
„Не можеме како ноеви главата во песок да ја втурнуваме затоа што ова е трагедија од европски, па и од светски размери и мислам дека е несериозно од нас ова да помине без макар и надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија“.
Предлог беше одбиен со девет гласа „против“ и три гласа „за“.