Лидерот на Левица, Димитар Апасиев изреагира на обидот на кандидатот за градоначалник, Орце Ѓорѓиевски синоќа на тв дуелот да го дисквалификува неговиот противкандидат Амар Мециновиќ дека се преставува политиколог, а нема диплома на факултет.
Во објава на Фејсбук, Апасиев го опиша Амар како „блескав млад човек кој живее со самохрана мајка, со просек 9.8 и кој течно зборува четири јазици“, но кој поради сиромаштијата бил принуден да ги стави студиите во мирување и да работи како градежен работник, на бензиска пумпа, во месара, како хонорарен новинар, диспечер и фриленсер.
„Од паричната НАГРАДА по победата на Ораторската вечер си го купува првиот лап-топ у животот и машина за миење садови на Мајка му (која го израснала во начитан, културен и воспитан Човек).
Му пука филмот од трулото општество и решава политички да се ангажира, ама не се шитнува на ВМРО-СДСМ шемата за да го вработат на државно. Го одбира потешкиот пат, па учествува во градењето на нова неискварена левичарска партија, на која подоцна и станува портпарол.
И доаѓа привилегиран примитивец од злосторничкото здружение ДПМНЕ (политиколог од ЕВН, буткан цел живот со врски) и пред цел народ, на наместена утакмица, елитистов му вика на нашиов: – “Тоа е твој ХЕНДИКЕП”!!!
Каков хендикеп бе, мамлаз!? Тоа е благословот на левичарите што животот ги направил нескршливи борци-лавови, а не мачиња со фејкерска напувана ароганција“, стои меѓу другото во објавата на Апасиев.
Во текот на дебатата на Канал 5, кандидатот на Левица, отворено зборуваше за своето минато и искуство, велејќи дека пред да влезе во политиката работел на различни места, како градежен работник, на бензинска пумпа и во месара, нагласувајќи дека токму тоа му помогнало да ја разбере реалноста на обичниот човек и тешкиот живот на мнозинството скопјани. На почетокот на дебатата, Мециновиќ, истакна дека има 29 години сѐ уште нема дипломирано и е апсолвент на Политички науки.
Наспроти тоа, неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, тврдеше дека ваквото искуство на Амар е „негов хендикеп“.