Лидерот на Левица, Димитар Апасиев упати нови критики кон раководоството на АВМУ и членовите на ДИК. Ги обвинува за лицемерство. Ова следува по забелешката на Левица за новото упатство на АВМУ за локалните избори, дека наводно ќе бидат оштетени за 400.000 евра.
-Кога беше за „Независните“ не им беше проблем да се стават во улога на законодавец и со подзаконски акт да регулираат правна празнина. Кога е за ЗНАМ, дури во Упатството за платено политичко рекламирање измислуваат и нов вонзаконски термин „поддржувач“ (иако законот оперира само со терминот “коалиција”), за да може ВМРО-ДПМНЕ да им ги плаќа рекламите на ТВ на Максо, иако не се формално во коалиција и имаат две бројчиња.
Ама кога е за Левица – не можеле они да толкуваат!? (иако целта на законот е сите партии и парламентарни и вонпарламентарни да добијат средства од државата). Тоа во правото се вика телеолошко толкување, ама многу сте прости, пакосни и корумпирани да го сфатите, па се држите само до граматичко-позитивистичкото, истакнува Апасиев.
Според него, за прв пат во независна Македонија на една легална регистрирана партија ефективно ќе ѝ биде забрането да се рекламира дури и со свои пари.
-Слушајте ми го зборов дека за оваа политичка дискриминација ќе се расправа дури и во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Но, оваа НЕПРАВДА која ни ја прават ќе предизвика “ефект на бумеранг”, па наместо штета – бидете сигурни дека НАРОДОТ гледа и интуитивно се солидаризира со оној на кој му се прави лошотилак!
Не се откажуваме ниту од правната борба. Нашиот правен тим ќе спреми и кривични пријави и тужба за оштета против сите членови на ДИК и на Советот на АВМУ, за предизвикана материјална штета на Левица која ќе ја утврдиме дополнително, со финансиско вештачење. ![]()
Уставниот суд, коо по обичај, не е од тука. Го има фатено зимскиот сон, иако “ПЛУРАЛИЗМОТ” и слободните и фер избори се темелни вредности на нашиот уставен поредок кои тој нели, божем, треба да ги штити, стои во целата објавата на претседателот на Левица.
„Констатирано е дека постојат недоречености во изборниот законик и известен е претседателот на Собранието. Оваа категорија на партии кои имаат 6 пратеници и пратеничка група не е предвидена во Законот, но ние мора да го почитуваме таков како што е“, рече вчера директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски. Вели дека упатството го донеле по заеднички координации и консултации со сите институции кои се задолжени за спроведување на изборниот процес – Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната Комисија за спречување на корупција.