Апелација можеше со повеќе детали да ја објасни одлуката за „Таргет-тврдина“, смета Грковска

од Nikola Popovski
171 прегледи

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска смета дека сите имаме обврска да бидеме транспарентни пред граѓаните за нашата работа, коментирајќи ја одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет – тврдина“.

Според неа, транспарентност и барањето за транспарентност не може само да биде на адреса на Владата, не може да биде на адреса на пратениците, туку и на адреса на правосудството.

– И мене ми е мило што мојата изјава која што беше во насока на тоа да ги повикам транспарентно да ги образложат пред јавноста причините за донесувањето на таквата одлука вроди со плод и Апелациониот суд издаде соопштение со објаснување за начинот на којшто ја донел таа одлука и од кои причини таквата одлука е донесена, без разлика што јас сметам дека повеќе можеше во детали, ама како и да е, беше поттик, рече Грковска во интервју за МИА.

Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“ и ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, додека жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.

-Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивата пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, се вели во соопштението од Апелациониот суд Скопје.

Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.

На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Слични содржини