Апелација го враќа предметот за Алијанса на повторно судење, Таравари очекува да ги добие печатите

од Nikola Popovski
94 прегледи

Апелацискиот суд во Гостивар го вратил предметот за политичката партија Алијанса за Албанците на повторно судење и ги прифатил жалбите поднесени од правниот застапник на Арбен Таравари, се наведува во соопштението на Службата за информирање на АА.

„Апелациониот суд го враќа предметот на повторно судење по претходното решение донесено од Основниот суд Тетово, каде што се одолговлекуваше и беа сменети неколку судии се додека не се донесе скандалозната одлука под притисок на поранешниот министер за правда, Кренар Лога дека печатите на партијата им припаѓаат на фракцијата што премина во ДУИ.

Имајќи ги предвид доказите депонирани во Апелациониот суд во Гостивар, се очекува конечната одлука да биде во наша корист и партијата заедно со печатите да остане кај нејзиниот легитимен претседател Арбен Таравари“, истакнаа од крилото на Таравари.

Алијанса за Албанците како партија беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи. Зијадин Села тогаш иницираше движење за реформи во ДПА, а набргу потоа следуваше основањето на Алијанса за Албанците на чие чело застана тој.

Села ја предводеше партијата се до вонредните избори за Советот во Општина Тетово во август 2022 година кога поради лошите резултати си поднесе оставка. За нов лидер беше избран неговиот доскорешен близок соработник и актуелен министер за здравство, Арбен Таравари.

Меѓутоа, партијата се подели на две крила – едното на Таравари и другото на Села, кој по напуштањето на лидерската позиција стана претседавач со партиското собрание.

Јавноста сведочеше на јавни конфронтирања, паралелни конгреси, партиски одлуки од двата табори.

Ваквиот раскол настана во пресрет на парламентарните и претседателските избори закажани за 24 април (прв круг претседателски) и 8 мај 2024 (втор круг претседателски и парламентарни), кога Таравари, кој беше коалициски партнер во Владата на СДСМ и ДУИ, се изјасни дека е за изборен настап со албанската опозиција.

Таборот на Таравари потоа и официјално се приклучи на опозицскиот блок во кој се БЕСА на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гази и Демократското движење на Изет Меџити. Тие формираа коалиција ВЛЕН, а Таравари го избраа за претседателски кандидат.

Крилото на АА предводено од Села на претстојните избори најави дека ќе биде дел од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ на Али Ахмети.

Слични содржини