Апелацискиот суд донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Жан Митрев и обвинетото правно лице ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев од Скопје, и го потврди предлогот за определување на привремени мерки за обезбедување на имотно-правно побарување на Основното јавно обвинителство – Скопје кон обвинетиот и правното лице.
-Советот на овој суд најде дека првостепениот суд правилно постапил кога го прифатил предлогот на Обвинителството и спрема обвинетите определил привремени мерки – забрана за оптоварување и располагање со недвижноста наведена во изреката на решението, како и забраната за исплата на износите наведени во изреката на обжаленото решение од сметките на правното лице за износите за кои е определена мерката, наоѓајќи дека се исполнети сите законски услови.
Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб-страницата на Судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите, стои во соопштението на Апелацискиот суд.
Сметките на приватната болница остануваат замрзнати.
Скопското обвинителство поднесе обвинение против кардиохирургот Жан Митрев и неговата клиника за измама на пациенти за време на пандемијата со Ковид-19. За делото за коешто се товари е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.
Врз основа на доказите, Обвинителството наведува дека Жан Митрев ги довел во заблуда пациентите на кои им се нудела хемофилтрацијата како алтернативен начин на лекување, но притоа се прикривале клучни факти за овој метод. На тој начин клиниката заработила околу 1,6 милиони евра за хемофилтрации.