Апелациониот суд во Скопје ја прифатил жалбата на екс-министерот Миле Јанакиески, со што му е скратена казната и на слобода ќе биде од јуни 2024 година.
-Апелациониот суд – Скопје ја информира јавноста дека Кривичен совет на Судот донесе решение со кое жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се одбива како неоснована, додека жалбата на осудениот екс-министер Миле Јанакиески, изјавена преку неговиот бранител, со која се бара условен отпуст, се уважува.
Согласно донесеното решение на Апелациониот суд – Скопје, одлуката за условен отпуст е преиначена и условниот отпуст за Јанакиески, наместо, како што гласеше првичната одлука, да започне на 16.01.2025 година, ќе започне на 17.06.2024 година, но под услов до истекот на условниот отпуст обвинетиот да не стори ново кривично дело, стои во соопштението на Апелација.
Апелација ја прифати и жалбата на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков и го задолжи Кривичниот суд повторно да одлучува за неговото барање за условен отпуст.
-Апелациониот суд Скопје постапувајќи по жалба на осудениот С.М. од С., а изјавена преку Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга, донесе решение со кое жалбата се уважува, а предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд. Инаку, уважувањето на жалбата на осудениот С.М. доаѓа откако претходно предлогот на директорот на Казнено-поправниот дом Струга за условен отпуст на осудениот беше одбиен како неоснован. Согласно донесеното решение на Апелациониот суд – Скопје како недозволена ја отфрли жалбата на директорот на Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга, се вели во соопштението од Апелација.
Мијалков е осуден на три години затвор откако призна вина во предметот „Империја“ за перење пари. Апелација претходно укина три пресуди против Мијалков за случаите „Трезор”, „Таргет- Тврдина“ за прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Со измените на Кривичниот законик, тој и дефинитивно се спаси од казна затвор за „Таргет- Тврдина“ и „Титаник 2“, а „Трезор“, застарува годинава.
Јанакиески беше осуден на 3 и пол години затвор, откако призна вина за случајот Титаник за изборни измами. Во меѓувреме со измените на Кривичниот законик застареа и делата за кои се товареше во случаите Топлик и Талир.
Претходно и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска излезе предвреме од „Идризово“.