Претходното раководство на Градот Скопје платило сума од над 75.000 евра за изработка на официјален веб портал на градот кој никогаш не профункционирал во целост, односно градот платил поголема сума од реалната за ваков тип на услуга која не била реализирана како што било предвидено, изјави Даниел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.
Тој нагласи дека Град Скопје ќе поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата за поранешни и сегашни вработени во градската адиминистрација.
„Имено, Викторија Аврамовска-Мадиќ од Скопје во својство на секретар на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување во периодот од 2018 до 2020 година, потврдила дека во целост е реализиран договор за изработка на официјален портал на Град Скопје со миграција на постојните податоци и дигитална платформа за интерконекција и управување со веб-содржини и постапувајќи несовесно во вршење на своите овластувања и должности потврдила дека е извршено предавање на платформа и приспособување на порталот кои активности се предмет на реализација на склучен договор иако знаела дека не е испорачано IBM ESB“, изјави Апостолоски.
Тој тврди дека не е извршена целосна миграција на податоци од постојната веб-страна на Град Скопје и не е предаден новиот порталот, за што другите пријавени со свои потписи потврдиле дека се извршени и предадени поединечните фази од наведениот проект, иако знаеле дека истите не се испорачани и иако им било познато дека договорот не е во целост реализиран.
„Пријавените Никола Трајковски, Ваљон Салиху и Викторија Аврамовска-Мадиќ, искористувајќи ја својата службена положба, сепак потпишале и одобриле исплата на вкупната вредност на договорот во износ од енормни 4 717 640 денари или над 75 000 евра за услуга која не е целосно извршена и испорачана на Град Скопје согласно договорот, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета на буџетот на Град Скопје“, вели Апостолоски.
Претходно, од актуелното раководство на Градот соопштија дека поднеле кривична и против Петре Шилегов и поранешната претседателка на Советот, Љубица Јанчева од СДСМ.