Apple развиваат свои MicroLED дисплеи

од Vladimir Zorba

Во 2014 година, Apple тивко го купи LuxVue, кој развива MicroLED дисплеј технологија со минимална потрошувачка на енергија. Сега Bloomberg тврди дека работата продолжила и Apple веќе прави „значителни инвестиции“ во новата технологија со идејата да ја вклучи до неколку години во уреди како iPhone и Apple Watch.

Слично на OLED панелите, користени во Apple Watch и во iPhone X, MicroLED дисплеите не бараат позадинско осветлување, па овозможуваат подобар контраст при помала потрошувачка на енергија. Главниот проблем со процесот е тоа што е многу бавен, бидејќи панелот буквално поставува пиксел по пиксел.

Samsung, на пример, планира да го објави својот модуларен телевизор The Wall со MicroLED дисплеј во август.

Гласините велат дека минатата година Apple веќе успеале да го создаде својот прв прототип на Apple Watch со MicroLED во рамките на проектот Т159 – иницијатива на гигантот за обезбедување на алтернативи на она што конкурентите Samsung и LG го нудат. Слично на чиповите за мобилни уреди, Apple најверојатно ќе побара надворешна помош за изработката на дисплеите, но ако компанијата прва ја прифати MicroLED технологијата, таа ќе биде во можност да обезбеди ново ниво на квалитет и ефикасност во однос на своите конкуренти.

Слични содржини