Поранешниот шпански репрезентативец и играч на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, е новиот тренер на Б тимот на кралскиот клуб. Тој ќе го замени легендарниот Раул Гонзалез, кој по седум години работа во младинската академија официјално си заминува.
Клубот преку соопштение го потврди назначувањето на Арбелоа, нагласувајќи дека тој е „легенда на Реал Мадрид и шпанскиот фудбал“ и дека како тренер на младинските категории секогаш бил пример за клубските вредности.
Арбелоа е дел од тренерскиот кадар на младинските екипи на Реал Мадрид од 2020 година. Најголем успех досега постигна во сезоната 2022/23, кога со тимот до 19 години освои три титули – Лигата на шампионите за млади, шпанското првенство и Купот на кралот.
Во својата играчка кариера, Арбелоа има 238 настапи за првиот тим на Реал Мадрид во периодот од 2009 до 2016 година. Со „кралевите“ освои две Лиги на шампиони, Светско клупско првенство, УЕФА Суперкуп, Ла Лига, Суперкуп на Шпанија и два Купа на кралот.
Исто така, одигра 56 натпревари за шпанската репрезентација, со која ги освои најголемите титули – Светското првенство во 2010 година и Европските првенства во 2008 и 2012 година.
Покрај Реал Мадрид, Арбелоа играше и за англискиот Ливерпул, каде што настапи на 98 натпревари во период од три сезони.