Археолози тврдат дека на албанската страна од Охридското Езеро пронашле докази за најстарата човечка населба на европско езеро, за која се претпоставува дека е стара до осум илјади години.
Група научници од Швајцарија и Албанија поминуваат три часа под вода секој ден, макотрпно отстранувајќи ги дрвените столбови што ги потпирале куќите, објавува Ројтерс. Археолозите таму, исто така, наоѓаат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн соопштил дека слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но дека населбата во селото Лин е половина милениум постара бидејќи датира од периодот пред шест и осум илјади години.
Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, а тоа ни овозможува да откриеме што јаделе тие луѓе и што саделе, вели Хафнер.
Неколку студии покажуваат дека Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа односно старо повеќе од милион години.
Староста на наодите се одредува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои годините на дрвјата. На локацијата биле собрани повеќе од илјада примероци од дрво.
Се верува дека населбата, каде што можеби живееле неколку стотици луѓе, се простира на околу шест хектари и дека сега, по шест години работа, ископан е само околу еден процент од вкупниот материјал.