Архиепископот oхридски и македонски г. г. Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архиерејски синод на СПЦ за признавањето на автокефалноста.
-Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната вест. Со години седевме и чекавме во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи некој за нас. Овој историски период кој сите ние го минуваме е празник за сите христијани во Македонија, без разлика на национално потекло, кои се внуци на оние што сонуваа да ја видат обновена и автокефална својата Охридска Архиепископија, рече г.г. Стефан за време на говорот по заедничката литургија на СПЦ и МПЦ-ОА во Соборниот храм во центарот на Скопје.
-Нашата 80-годишна посветеност на независната црква никогаш не била насочена кон тоа да не одвои од телото Христово, туку да ни овозможи, како и секогаш, како и другите православни народи, слободно да ја извршуваме нашата мисија, додаде архиепископот Стефан и посочи дека овој историски момент е исполнување на сонот на многу генерации.
– Во Белград, во црквата Свети Сава, а сега и во Скопје, како гласно да се слушаше воздишка на олеснување и за нашите предци и за нас. А таа радост на олеснување дојде од мајката црква, Вселенската патријаршија и од сестринската СПЦ, рече меѓу другото г. г. Стефан.
Патријархот на СПЦ Порфириј денеска изјави дека Соборот на СПЦ ја прифаќа и благословува автокефалноста на МПЦ-ОА и дека сега следуваат сите технички и организациски детали за свеченото прогласување на службениот акт на автокефалност.
Изјавата на Порфириј беше проследена со долг и громогласен аплауз од голем број верници во Соборниот храм.
Фото: Телевизија Храм