Архивот на јавни собири: 100.000 луѓе протестираа во Белград

од Nikola Popovski
73 прегледи

На заедничкиот протест на земјоделците и студентите, одржан во Белград, се собраа меѓу 100.000 и 102.000 луѓе, објави Архивот на јавни собири во Србија.

Оваа организација, која се занимава со проценка на луѓето на протестите, стигнала до бројката врз основа на достапните снимки и фотографии, а снимката што се користела за броење на учесниците била снимена помеѓу 16:45 и 17:00 часот, се вели во објавата на мрежата „X“.

Претходно полицијата соопшти дека се собрале речиси 30.000 граѓани, повеќе од три пати помалку од проценката на Архивот на јавните собири.

Насобраните со 15-минутно молчење им оддадоа почит на 15-те загинати при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Тие уште еднаш побараа од властите во Србија да ги процесуираат сите одговорни за несреќата и нападите врз граѓаните кои учествуваа на протестите во изминатите недели.

Претставниците на студентите и земјоделците, како што најавија пред протестот, немаа официјални обраќања. Граѓаните кои присуствуваа на собирите им дадоа поддршка на студентите и нивните барања.

Студентите на државните универзитети во Белград, Крагуевац и Ниш со недели протестираат барајќи објавување на сите документи релевантни за реновирањето на станицата, како и кривично гонење на одговорните за катастрофата.

Слични содржини