Поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи вечерва информира дека општина Тетово платила услуги и различни социјални трансфери на одредени поединци и сето тоа е според законот.
-Листата со наводни договори на дело од страна на Касами е обид за дискредитација на многу личности. Тие луѓе не биле сите вработени во општината, вели Арифи во гостувањето на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
Арифи додава дека е нехумано што биле објавено имињата на луѓето што имале договор на дело со општината.
Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами вчера побара да ги вратат средствата тие што земале плата, а не работеле во општината.
-Вкупно 294 претходно вработени во општина Тетово или кои имале договор на дело не ми поднесоа извештај за нивното сработено, што значи земале плата а не работеле. Буџетот се оштетувал за сума од околу 1 милион евра годишно. Ние ќе побараме овие средства да се вратат, ако треба и по судски пат. Разберете, за многумина не можевме два месеца договорите да им ги најдеме, скриени по фиоките, вели Касами.