Северна Кореја денеска извести за голем скок на бројот на заразени од болеста, за која се верува дека е ковид, апелирајќи до граѓаните да се придржуваат до „корисните здравствени навики“, додека припадниците на армијата се ангажирани да дистрибуираат лекови на луѓето , пренесува АП.
Државните медиуми објавија дека севернокорејскиот кризен штаб за антивируси пријавил уште 269.510 лица со „треска“, а шест лица починале.
Со последните смртни случаи, бројот на починати од крајот на април кога се појави „треската“ сега е 56.
Пјонгјанг ја пријави својата прва инфекција со Ковид минатиот четврток.
На оваа азиска земја со 26 милиони жители ѝ недостигаат тестови за потврдување на инфекции со коронавирус во голем број, а во извештајот на антивирусниот штаб не е наведено колку случаи на треска всушност се Ковид.
Според АП, бројот на пациенти е секако поголем од официјалните податоци за треска, со оглед на недостатокот на тестови и ресурси за следење на болеста и лекување на пациентите.
Одговорот на Северна Кореја на вирусот е главно изолација на луѓе со симптоми во засолништа, а до денес најмалку 663.910 луѓе се ставени во карантин.
Покрај недостатокот на вакцини, на Пјонгјанг му недостасуваат и антивирусни лекови и единици за интензивна нега.
АП наведува дека некои експерти се сомневаат дека Северна Кореја го намалува бројот на починати за да го намали ударот врз угледот на лидерот на Ким Џонг Ун.