Во Неготино ситуацијата е алармантна поради големиот пожар што избувна вчера во реонот на армискиот полигон Пепелиште. Пожарот зафати површина од околу десетина километри, со кој се справуваат противпожарни бригади од Неготино и Кавадарци, ЈП Комуналец, како и мештани.
Армискиот хеликоптер се очекува секој момент да се вклучи во гаснењето на пожарот, откако се завршат последните технички подготовки. Овој хеликоптер е замена за хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи, кој од утринава интервенираше од воздух, но беше повлечен поради одработени часови.
Од Штабот за заштита и спасување на Неготино упатија апел до населението во селата Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места да ги напуштат своите живеалишта и да се засолнат на безбедно место поради опасноста од забрзаното ширење на пожарот. Исто така, се апелираше до граѓаните на општина Неготино да не се движат кон овие населени места.
Вознемирени граѓани на социјалните мрежи тврдат дека пожарот го предизвикале армиски припадници за време на вежба во армискиот камп Пепелиште, посочувајќи дека слушнале пукање пред да се крене чадот. Градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов, ги потврди гласините дека пожарот бил предизвикан од армиски припадници, додавајќи дека неофицијално причината била школска бомба која по грешка била испукана.
Центарот за управување со кризи упати барање за извидување на пожарот од воздух со дронови на Граничната полиција и „Фронтекс“. Кризниот штаб на општина Неготино апелира до сите што сакаат да помогнат во гаснењето да се пријават во Општината, како и до правните субјекти кои располагаат со соодветна механизација да ги стават на располагање своите ресурси. Тие може да се јават на телефонскиот број 043/361-045. Дополнително, се повикува на обезбедување и дистрибуција на вода за пиење и храна за спасувачите на терен.