Арсенал нема намера да му понуди нов договор на напаѓачот Александре Лаказет, пренесе „90мин“. Актуелниот договор на Французинот е до летото, кога ќе може да си замине како слободен играч од Емирати. Се чини дека токму тоа ќе се случи.
Арсенал моментално има само двајца типични напаѓачи во форма на Лаказет и Еди Нкетија, откако клубот се раздели со Пјер-Емерик Обамејанг за време на зимската пауза. Сепак, се чини дека на Емирати на лето подготвуваат сериозно обновување на составот и за таа цел мора прво да се разделат со некои од нивните сегашни играчи и Лаказет е еден од луѓето кои се очекува да си заминат.
Не недостига интерес за 30-годишниот голгетер, бидејќи претседателот на Лион неодамна призна дека ќе направи се за да го привлече на лето. Французинот пред извесно време се поврзуваше и со Атлетико Мадрид и Јувентус.
Оваа сезона Лаказет има 5 гола и 4 асистенции на 22 натпревари за „топџиите“. Откако е во клубот може да се пофали со 70 гола и 32 асистенции на 192 натпревари на сите турнири.