Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на неодамнешното постапување на полицијата во Делчево, посочувајќи на, како што вели, двојни аршини во однос на справувањето со бесправната градба во државата.
Арсовска објави информација дека Министерството за внатрешни работи (МВР) поднело кривични пријави против сопственичка на угостителски објект и уште едно лице од Делчево, поради незаконска градба и загрозување на јавната безбедност. Според неа, овој случај покажува дека институциите знаат и можат да постапуваат веднаш – но, како што наведува, тоа не се случува кога се работи за објекти чии сопственици „не се викаат Висар и Изет“.
Таа потсетува дека како градоначалничка веќе има обелоденето случај со дури 150 дивоградби во општина Чаир, за кои, според неа, има докази дека биле одобрени од страна на градоначалникот Висар Ганиу. И покрај тоа, институциите досега не презеле конкретни чекори. Во конкретниот случај во Делчево, на 24 април годинава, полициски службеници од СВР Штип и ОВР Делчево, заедно со инспектори од неколку државни органи, извршиле контрола на угостителски објект. Констатирани биле повеќе прекршувања на правилата за заштита од пожари, а сопственичката добила забрана за работа од 30 дена.
Понатаму, било утврдено дека друг пријавен – З.Т. од Делчево – во периодот од 2018 до 2019 година изградил објект без дозвола за градба. При повторна контрола на 1 мај 2025 година, полицијата затекнала гости во објектот, со што сопственичката ја прекршила забраната за вршење дејност.
Арсовска апелира до надлежните институции за доследна и правична примена на законот, без оглед на тоа кој е сторителот и од каде доаѓа.