Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска остро му одговори на министерот за економија Крешник Бектеши во врска со парното греење во главниот град. Арсовска жали што „Бектеши чека од Град Скопје да му ги реши проблемите“.
-БЕГ е проблем на Владата. Министерот Бектеши треба да си ги знае сопствените надлежности и да ги реши проблемите на граѓаните. Да потсетам министерот кој се сликаше со дониран зејтин кој не можеше сам да го обезбеди, нема право да зборува за туѓа способност. Градот Скопје нема законска обврска да му ги решава проблемите на Бектеши. И наместо да си бара „жртви“ за сопствената неспособност, да најде начин како да им излезе во пресрет на граѓаните кои живеат на раб на сиромаштија заради неговите „успешни“ економски политики, напиша Арсовска на Фејсбук.
Градоначалничката на крајот додаде:„Ако треба да бидам и министер за економија, Бектеши нека си поднесе оставка“.
Ваквата реакција следува откако вчера Бектеши изјави на прес-конференција дека „Арсовска заеедно со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците, кои пред шест месеци први излегоа со “решение”за парното греење, сега бегаат од одговорноста која како локална власт ја имаат со закон“.
-Прво ми е жал што град Скопје веќе има формирано таква компанија која треба да се занимаваат со ова. Тоа е обврска на градот Скопје во случајов. Ако се вратиме назад кога имаше дебата во јавноста, токму градот Скопје и Арсовска кажуваа дека немаат можност оти БЕГ има лиценци. Сега испаѓа дека немале капацитет или не знаат да го менаџираат. Ние нема да ги оставиме скопјани со такви институции. Ќе објавиме јавен повик откако ќе добиеме официјално од РКЕ дека се одземени лиценците. Ако не, ќе одлучиме преку ЕСМ, како што направивме оваа зима, да го менаџира делот со топлинска енергија, кажа Бектеши на прес-конференција, како одговор на новинарско прашање.