Арсовска-Белчовска: Дојавите за бомби и во основни училишта даваат поголема тежина на целата ситуација

од Vladimir Zorba
626 прегледи

Во училиштата во државата продолжуваат да пристигнуваат нови дојави за бомби. За првпат денеска и во Кавадарци има дојави за бомби во две средни и три основни училишта.

МВР соопшти дека утрово околу 7 часот во полициската станица во Кавадарци било пријавено дека на електронската адреса на пет училишта, две средни и три основни била упатена закана за поставена експлозивна направа.

Изминатат недела закани за поставена експлозивна направа преку мејл во Скопје беа упатени и до две основни училишта, „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 и „Кочо Рацин“ во Центар, а во изминатиот период и до осум средни училишта во Скопје.

Со цел учениците да се чувствуваат безбедно на училиште, Александра Арсовска-Белчовска, училишен психолог од ОУ „Блаже Конески“, за „Локално“ вели дека дојавите за лажни бомби кои почнаа да се испраќаат и во основни училишта предизвикуваат вознемиреност кај учениците, укажувајќи дека е потребно стручните служби заедно со класните раководители да разговараат со учениците за оваа нова појава за да се спречи паника.

„За жал, дојави за бомби почнаа да се испраќаат и во основни училишта што дава поголема тежина на целата ситуација. Иако тие се лажни дојави, секогаш треба да се сваќаат сериозно и да се почитуваат насоките од надлежните институции“, вели Арсовска-Белчовска.

Во моментов според училиштата се исправени и пред други прашања меѓу кои проблемот со врсничкото насилство за кое аларамот го вклучи инцидентот во Градско каде ученик беше малтретиран од свои соученици две години.

Арсовска-Белчовска вели дека за превенирање на инцидентите во училиштата потребно е училиштата како образовно-воспитни институции, да бидат места каде ќе има едукација и превенцијата на менталното здравје но додава дека и родителите се исто така многу важна алка во тој систем на соработка за превенција и справување со врсничкото насилство.

Дали во училиштата сo учениците треба да се разговара за лажните дојави на бомби, кои се нова појава со цел тие да имаат чувство дека институциите се грижат за нивната безбедност? Како треба да им се објасни на основците а како на средношколците за дојавите за бомби за да не се создаваат стравови кај нив?

– Дојавите за лажните бомби во средните училишта предизвика вознемиреност кај целата јавност, а секако најмногу кај учениците и нивните родители, како и кај вработените во училиштата. За жал, дојави за бомби почнаа да се испраќаат и во основни училишта што дава поголема тежина на целата ситуација. Иако тие се лажни дојави, секогаш треба да се сваќаат сериозно и да се почитуваат насоките од надлежните институции. Стручните служби заедно со класните раководители треба да разговараат со учениците со цел да се спречи паника и учениците да се чувствуваат безбедно во училиште и да се постапува според пропишаниот протокол за такви ситуации. Протоколот треба да е добро објаснет и разбран од страна на учениците и вработените во училиштата.

Деновиве јавноста ја загрижи и случајот со врсничко насилство во училиштето во Градско. Многумина велаат дека децата се насилни зашто тоа го гледаат насекаде околу себе. Но што можат да направат училиштата за да воспостават подобри односи меѓу децата? Родители се прашуваат дали во основните училишта со учениците работат псохолози кои низ раговор или работилници би ги научиле учениците како да го препознаат и запрат насилството? Дали психолозите ја вршат својата работа?

– Врсничкото насилство е доста акутелна и комплексна тема. Со самото тоа што постојат повеќе видови на насилство (физичко, психичко, виртуелно…) а некогаш и комбинација од повеќе видови на насилство ја прави целата состојба сложена. Младите луѓе имаат многу поголем и лесен пристап до содржини со насилство, почнувајќи од најмала возраст преку цртаните, видео игри, филмови… Ваквите содржини поткрепени од изменетиот систем на вредности се рефлектираат на нивното однесување. Ова доведува насилното однесување да го доживуваат како игра, забава, нешто што ги засмејува останатите. Најчесто насилството е пред „публика“, односно пред група на врсници. Понекогаш оди до тој степен што самото насилство се снима и се пушта на социјалните мрежи. Жртвите на насилство од срам или од страв не го пријавуваат насилството, а со тоа не може соодветно да се реагира на истото.

Во училиштата од страна на психолозите се спроведуваат повеќе активности за да се превенира насилството, а доколку веќе се случило соодветно да се реагира. Се реализираат работилници каде се објаснува како да се препознаат разни видови на насилство, како да се реагира во таков случај, каде да се побара помош ( за себе или за оној кој е жртва на насилство). Секој ученик треба да го доживува училиштето како безбедно место. Учениците се охрабруваат и мотивираат да зборуваат за насилството и да го пријавуваат во стручната служба или кај наставниците. Истите се охрабруваат за оваа тема да зборуваат и со своите родители. Родителите се исто така многу важна алка во тој систем на соработка за превенција и справување со врсничкото насилство. Колку погласно се зборува за врсничкото насилството, толку повеќе се влијае на соодветно справување со истото.

Короната, социјалните изолации, онлајн наставата пред две години, а сега војната во Украина, енергетската и финансиската криза сето тоа остава белег кај психата на возрасните. Дали психичкото оптоварување и чувството на несигурност кај родителите се одразува и врз децата? Што покажуваат вашите искуства како училишен псохолог како се чувствуваат младите луѓе, дали и за нив ова се екстремни промени?

– Да, короната, наставата на далечина и социјалните изолации имаа директно влијание не само кај возрасните, туку и кај децата и младите. Во тој период кај поголем број на помладата популација, социјалните интеракции претежно се реализираа виртуелно, односно со помош на современата технологија. Ако се земе во предвид и фактот дека дел од нив биле директно засеганти од последиците на вирусот, некои од нив се соочуваа со загуба на член на семејството, доведе до појава на зголемен процент на анксиозност, панични напади, па дури и депресија кај оваа возрасна група. Во тој период, и потоа многу се разговараше како да се надминат тие состојби, како со учениците, така и со родителите, но исто така многу се работеше и индивидуално со учениците. Секој родител кога се соочува со било каков предизвик во животот, треба да има соодветна комуникација со своето дете со цел да се заштити менталното здравје на детето. Оваа комуникација се гради уште од најмала возраст. Во мојата пракса како училишен психолог родителите знаат да побараат совет и насоки како да ги надминат актуелните предизвици со кои се соочуваат со своите деца.

Актуелни се и случувањата кај младите поврзани со изложување на опасност само за да се биде полуларен на социјалните мрежи. Последен пример за тоа беше случајот со девојчето кое се обиде да се слика качувајќи се врз воз. Се анализираат ли и овие појави со цел да се најде начин да се заштитат учениците?

– Притисокот од врсниците е голем, секој сака да биде популарен односно т.н. „ѕвезда“ меѓу врсниците. Колку повеќе „лајкови“, толку е поголема популарноста. Социјалните мрежи стануваат се попоуларни кај младите кои сакајќи да го привлечат вниманието на врсниците се изложуваат на опасност. Случајот со девојчето кое се обиде да се слика за социјaлните мрежи качувајќи се врз воз е само еден од низата на случаи. Токму ваков случај имаше пред неколку години во едно основно училиште но за жал не се извлече поука од тој случај. Скокање од кров на кров на згради, лежење на асфалтот на булеварите и многу други примери се дел од секојдневието. Мешањето на виртуелните содржини со реалноста не дозволува да се согледа опасноста од ваквите активности. Преку индивидуални или групни активности со учениците се разговара на овие теми за да се развие чувството на одговорност за своите постапки, кои се последиците и како врсничкиот притисок да се претвори во емпатичен и взаемно помагачи однос за надминување на овие ситуации.

М.С.М.

Слични содржини