Огласот во соработка со новото координативно тело на приватните превозници е повик на кој што тие искажаа своја подготвеност да чесно, транспаретно и одговорно ја вршат дејноста за кој е организиран овој јавен повик. Се надевам дека после завршувањето на овие две недели ќе имаме заедничко водење на јавниот превоз во Скопје, рече денес градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Според неа, наишле на големо разбирање кај приватните превозници да се работи како што треба, согласно почитување на националната легислатива и сите одредби на договорот кои ги нуди Град Скопје.
-Соработката продолжува и на повеќе останати теми на кои што треба да разговараме, со оглед дека следува една голема реформа на јавниот превоз, каде што сакаме да се прилагодиме во целост на еко-стандардите за почиста и поздрава животна средина, истакна Арсовска пред новинарите, одговарајќи на новинарски прашања.
Арсовска потенцира дека блокадите на улиците од страна на превозниците биле поради „дел лични, а дел политички мотиви“.
-Таму има тековни побарувања. За сето тоа кое што е тековно побарување од новиот договор и од претходниот договор јавните превозници и ЈСП најдоа заеднички начин да продолжат понатаму и тие обврски тековни ќе се исплаќаат како што било наназад во изминатите 30 години, кажа Арсовска.
На 1 март, од кабинетот на градоначалничката соопштија дека е постигнат договор со приватните превозници и дека Градот Скопје ќе распише нов повик за нивно вклучување во јавниот превоз во главниот град.
Ова следува по двата пропаднати повици на кои приватниците не се јавија бидејќи протестираа и бараа исплата на долгови од Градот Скопје. Со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ беа раскинати и договорите и сега приватните превозници нема да може да аплицираат преку овие две компании.