Арсовска демантира дека има бугарски пасош: Имам чешко државјанство

од Nikola Popovski
523 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска синоќа уште еднаш негираше дека има бугарски пасош или државјанство. Таа има разбирање и вели дека не е „трагично“ лица да имаат таков пасош.

-Не велам дека тоа е лошо, дури и да е така, тоа не е грев. Има дел од луѓе кои го земале од мака, од економски причини, дел го земале да шетаат по светот без препреки, меѓутоа да бидеш носител на бугарски пасош и да критикуваш дека некој има е трагично, рече Арсовска во емисијата „Тешки муабети“.

Таа откри дека има чешко државјанство по раѓање од мајка.

Во екот на предизборната кампања од последните локални избори, министерката за одбрана и членка на СДСМ, Славјанка Петровска покажа документ од бугарското Министерство за правда, според кој Арсовска во 2011 година се стекнала со бугарско државјанство. Указот го потпишал бугарскиот вицепретседател.

-Цели 10 години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди побаравте бугарско државјанство, за чии интереси одработувате – за унгарските, за бугарските или за оние на Груевски, изјави тогаш Петровска.

Арсовска тогаш истакна дека ја тужела партијата СДСМ за обвиненијата, иако изминал рокот за поднесување тужба. Од владеачката партија информираа дека не добиле тужба по ова прашање.

Пред неколку дена пратениците во бугарскиот парламент во прво читање гласаа за измените во Законот за бугарско државјанство со кои јавно ќе биде објавен регистарот на сите лица кои имаат бугарски пасош. Со најновата измена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест.

Македонците иако се најбројни баратели на бугарски пасоши, сепак споредено со бројките на издадени пасоши во годините претходно 2021 и 2020, покажува дека трендот на вадење бугарски пасош е повеќе од преполовен. Лани од вкупно 7.410 пасоши издадени бугарски пасоши, само 1.992 завршиле во рацете на македонски државјани, стои во статистиката на Еуроактив.

Слични содржини