Денеска во 15:00 часот, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ќе поднесе релевантна документација до Јавното обвинителство, со која, како што наведуваат од Град Скопје, се потврдуваат незаконски градби на територијата на општина Чаир. Од Градот информираат дека претходно се испратени повеќе од 15 јавни соопштенија во кои биле објавени информации и докази за случајот, а сето тоа било достапно и на медиумите, што значи дека и Обвинителството било добро информирано.
Се посочува дека иако во многу случаи Обвинителството реагира и на анонимни пријави или јавни дојави, овојпат, по повеќе од десет дена јавни повици за постапување, институциите наводно останале пасивни. Од Град Скопје обвинуваат дека наместо да ги истражат сторителите на кривичните дела, институциите се фокусирале на градоначалничката, со што, според нив, таа се изложува на дополнителен институционален притисок и ризик.
„Данела Арсовска не се плаши ни од Висар Ганиу, ни од Изет Меџити. Денеска лично ќе достави документи до Обвинителството со надеж дека конечно ќе се преземат мерки за заштита и обезбедување на доказите, кои, според сознанијата, се обидуваат да се сокријат или уништат“, стои во соопштението од Град Скопје. Настанот е од значење не само за граѓаните на Чаир, туку и за целокупната јавност, бидејќи, како што велат од Градот, станува збор за институционална борба против урбаниот криминал и злоупотребите со градежното земјиште.