“Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје, вели градоначалникот на Скопје, Данела Арсовска во врска со денешната изјава на градоначалникот на Гостивар од Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари за инцидентот кај споменикот на Скендербег.
-Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува.Скопје е град на соживот, солидарност, во кој нашите сограѓани треба мирно и безбедно да живеат и да се почитуваат, вели Арсовска.
Доколку е точно дека е разрешен директорот на „Комунална хигиена“, ќе побарам од претседателството да ја прекинеме соработката со Данела Арсовска, кажа Таравари.
-Јас не знам дали е разрешен, ако е разрешен мислам дека тука завршува нашата приказна во Скопје, оти за да се разреши треба градоначалничката прво барем да нè консултира нас. Ова го зборувам лично, меѓутоа, денеска ќе имаме и партиски состанок, јас лично ќе побарам од претседателството, мислам дека овде завршува нашата приказна во Скопје со Данела Арсовска. После 12 навечер да разрешува директори, без да се консултира, тоа е неприфатливо, кажа Таравари.