Арсовска донираше пакети со прехранбени производи на 68 згрижувачки семејства

од Nikola Popovski
231 прегледи

Денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска посети дел од згрижувачките семејства на СОС Детско село Скопје кои згрижуваат и овозможуваат топол дом и семејство на поголем број деца во социјален ризик, деца без родители и деца и млади кои се лишени од правото на родителска грижа.

-При посетата доставивме пакети со прехранбени производи за 68 загрижувачки семејства како и подароци за децата. Со Александра Ивановски, директорката на СОС Детското село и дел од родителите од згрижувачките семејства разговаравме за живот таму, предизвиците со кои се соочуваат и можностите со цел обезбедување на поквалитетни услови за живот, информира градоначалничката.

Арсовска додала дека „овие згрижувачки семејства со безрезервна поддршка и љубов, се топол дом и семејство за децата во социјален ризик, децата без родители како и младите без родителска грижа кои честопати се лишени од ова право“.

-Денеска посетивме дел од семејствата и ги изненадивме најмалите со подароци, нема нешто поубаво од детска насмевка и радост, знаејќи дека имаат топол дом и згрижувачко семејство кое се грижи за нив. Овие згрижувачки семејства, со својата хумана мисија не само што обезбедуваат топол дом и семејство за дечињата од СОС Детското село, туку и им се и голема поддршка. Градот Скопје ќе биде активен партнер и поддржувач на мисијата и активностите на СОС Детското село и на овие згрижувачки семејства, истакна градоначалничката Арсовска по посетата на СОС Детското село.

Слични содржини