Арсовска: Две години зборувавме дека проектот за Универзална е погрешен и небезбеден

од Nikola Popovski

Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме, стои во ставот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за огнената стихија што утрово ја зафати Универзалната сала.

Арсовска тврди дека „две години укажувавме дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, дека нема шанси никој од градот да потпише градба и продолжи било каква реализација“.

-Советниците во Советот на Град Скопје на седница во јули 2023 година одлучија Министерството за култура да ја превземе Универзална сала и нејзината реконструкција. По неколку месеци мистериозно гори Универзална сала, наместо да се РЕВИДИРА што правел изведувачот, порачува градоначалничката.

Арсовска бара МВР итно да ги истражи причините и доколку за истото се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, како што вели, за која укажувавме две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност.

По повеќе од две години застој, во февруари годинава продолжи реконструкцијата на Универзална сала. Ќе се одвива во две фази. За надворешното уредување кое опфаќа фасада, покрив инсталации и слично се обезбедени 120 милиони денари, а за втората фаза која предвидува ентериерно уредување обезбедени се 866 милиони денари.

Проектот треба да биде готов до 2026 година, но со сегашната материјална штета, овој рок е под знак прашалник. Реконструкцијата е под ингеренции на Министерството за култура откако Град Скопје го предаде проектот.

Универзална сала не работи 7 години. Почна да се реновира во септември 2021, но по доаѓањето на функцијата на Арсовска, градежните работи беа прекинати. Таа го обвини минатото раководство дека е виновно што концертната сала не се гради како и дека е небезбеден проектот.

Слични содржини