Арсовска ги обвини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за смената во ЗЕЛС, советници во Градот порачуваат дека „самата си е виновна“

од Nikola Popovski
604 прегледи

Во текот на вчерашниот ден градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска беше разрешена од позицијата прв човек на ЗЕЛС. Во соопштението на Градот се наведува дека на овој начин „уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, односно дека разрешувањето било постигнато „со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“.

По разрешувањето на Арсовска, за нов претседател на ЗЕЛС беше поставен градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

„Потпретседателите на ЗЕЛС, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, а досегашната претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор. Всушност и според Статутот на ЗЕЛС, градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управниот одбор на ЗЕЛС, информираа од ЗЕЛС.

Дел од советниците во Советот на Град Скопје ја прокоментираа ваквата одлука. Според советникот од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров одлуката за разрешувањето на Арсовска од функцијата Претседател на УО е во согласност со Статутот на ЗЕЛС и одредбите кои произлегуваат од него.

-Сакам да истакнам дека ЗЕЛС е непрофитна организација на општините односно единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје како посебна единица во која се здружуваат доброволно и на рамноправна основа заради заштита и унапредување на заедничките интереси и цели, а врз основа на Законот за локална самоуправа и Законот за здруженија и фондации. Согласно Статутот органи на ЗЕЛС се : Генерално собрание Управен одбор Надзорен одбор и Комитет на Советите Генералното собрание е највисок орган на ЗЕЛС. Управниот одбор на ЗЕЛС брои 22 членови кои се избираат со мандат во траење од 4 години од страна на делегатите на Генералното Собрание кои е составено од градоначалниците на единиците на локалната самоуправа, а Претседателите на Советите се нивни заменици. УО на ЗЕЛС според чл.20 ст.1 алинеја 5 од Статутот на ЗЕЛС, избира претседател на УО и двајца потпретседатели. Според чл.19 ст.4 Градоначалникот на Град Скопје по функција е член на Управен одбор. Никаде во Статутот на ЗЕЛС не е предвидено дека градоначалникот на Градот Скопје треба да биде Претседател на УО, а тоа до сега било пракса, а не правило, појаснува Шутаров во изјава за „Локално“.

Шутаров одговори и на обвинувањата од Градот Скопје.

-Мене не ми се јасни обвинувањата од страна на Град Скопје за наводно здружување на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во ЗЕЛС бидејќи во сите органи на ЗЕЛС вклучително и Управниот одбор, мнозинството на членовите се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ согласно изборните резултати на Локалните избори во 2021 година. Веројатно е дека досегашната Претседателка на УО на ЗЕЛС, Арсовска на некој начин ја попречувала работата на ЗЕЛС, можеби не споделувала информации или не одговарала на прашања како што тоа го прави со нас, советниците од опозицијата во Советот на Град Скопје, па затоа одлуката е донесена едногласно, а не со потребното мнозинство на гласови кое ВМРО-ДПМНЕ всушност го има во Управниот одбор на ЗЕЛС. Сепак за мотивот за ваквиот предлог и ваквата одлука треба дополнително да се обратите и до членовите на УО на ЗЕЛС кои впрочем ја донесоа оваа одлука, порача Шутаров.

„Локално“ го праша и советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски. Тој ни истакна дека Арсовска не ги исполни заложбите кои што си ги постави при изборот.

-За жал, ЗЕЛС под нејзино раководство, остана немо при најсериозниот притисок на општините од енергетската и економската криза, и недостатокот на поддршка од централната власт. Така што, за мене беше очекувана промената која се направи. Сигурен сум дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во пракса ќе покаже како може на вистински начин да се бранат интересите на сите општини, исто како што тоа го прави во општина Кисела Вода, ни рече Андоновски.

Тој порача дека градоначалничката не треба да го злоупотребува Градот за препирки со политичките партии.

-Она што мислам дека не смее да продолжи да го прави Арсовска е да го злоупотребува Градот во дневно конфронтирање со политичките партии. Веќе подолго време таа Градот Скопје го користи како фронт за истакнување на своите лични ставови, кавги со Советот и со секој неистомисленик. Виновник за нејзината промена од ЗЕЛС е само таа, ниту Градот Скопје, ниту некоја политичка партија, оценува Андоновски.

Н.П.

Слични содржини