Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, остро ги критикуваше вицепремиерот Изет Меџити и неговите соработници, обвинувајќи ги дека стојат зад незаконски дивоградби за кои граѓаните плаќале милиони евра, а биле лажени дека ќе можат да ги легализираат. Во отворена реакција, Арсовска порача дека единствена дестабилизација од нејзина страна ќе добијат токму тие, а не државата.
„Изет, ти и твојот измеќар Висар сте тие што ја дестабилизирате државата со криминал и корупција. Ја знаеме вашата игра, знаеме кога манипулирате со јавноста и кога се обидувате да ја дефокусирате темата. Колку пари земавте за дивоградбите? Не се правете глупи“, рече Арсовска, истакнувајќи дека секој обид да се открие криминалот веднаш се прогласува за „обид за дестабилизација“.
Од друга страна, Меџити возврати дека акциите на градоначалничката не се дел од нејзините надлежности и дека зад нив стои политички мотивиран обид за дестабилизација на државата. Тој рече дека ова е трет обид на Али Ахмети и ДУИ преку локалните општини да ја нарушат стабилноста, откако претходните два не успеале.
„Очекувавме Арсовска да одговори за нереализираните проекти, но наместо тоа таа се обидува да игра улога на инспектор, што не ѝ припаѓа. Ако навистина се работи за дивоградби, има насекаде, не само во Чаир. Добро е што почна од таму, но нека продолжи и во другите општини каде што има партнери на нејзината коалиција“, рече Меџити.
Тој исто така ја обвини Арсовска дека е „инструмент“ на пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети, и упати критики за начинот на работење на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, каде што според него има нерегуларности.