Поранешната скопската градоначалничка Данела Арсовска, додека беше на функцијата, интензивно објавуваше и обвинуваше за дивоградби и незаконска легализација во Општина Чаир. Арсовска тогаш тврдеше дека ова е случај само во Чаир, додека екс-градоначалникот Висар Гаину ја обвини дека предизборно одработува за ДУИ. Сега откако Град Скопје доби нов градоначалник, Арсовска излезе со нови обвинувања, овојпат кон Орце Ѓорѓиевски.
„Орце Самка Ѓорѓиевски по наредба од уплашените другарчиња Изет Меџити и Висар Ганиу, патеките и седиштата на отворено, направени од Град Скопје ги пријавил како дивоградби. Самка брат, ПАТЕКИ и СЕДИШТА!!! Сериозен си?? Во Чаир не одиш да прошеташ? Барале од Орце, да најде било каква дивоградба во град Скопје, ако треба и да ја измисли. КЛОВНОВИ, за тие земни урбани сегменти по ЗАКОН не е потребна градежна дозвола, да требало Град Скопје ќе си ја издал сам на себе. Пресмешни сте. Само на ОЧАЈНИ луѓе може да им текне да рушат патеки и седишта за кои не треба дозвола, за да ја поклопат темата за АПСЕЊАТА поврзани со ЧАИРСКИТЕ ДИВОГРАДБИ“, стои во објавата на Арсовска.
Екс-градоначалничката потсетила дека доставила докази во Обвинителството за 3200 страни фалсификати.
„Едното обвинителство молчи веројатно ПОТКУПЕНО со дел од испраните милиони, а другото почна со апсења и притвори за чаирските дивоградби. Уште на Орце Самка Ѓорѓиевски да му стане јасно дека ВИСТИНАТА не може да се скрие, џабе му се чаирските шеми, сите аудио и документарни докази ќе му излезат баш кога треба, таман да продолжи да се дружи со Ганиу и Меџити“, порачува, меѓу другото, Арсовска.
Ова е уште еден во низата јавни судири меѓу градоначалничката и партиите што ја поддржаа на локалните избори во 2021 година, а кои подоцна станаа нејзини најжестоки политички противници.
Еден од доказите кои Арсовска ги нудеше и пред јавноста за незаконитоста на легализациите во Чаир, беа изјавите на барателите на легализација дадени пред нотар. Една од тезите и беше дека и тие се манипулирани. Ако навистина биле дадени пред март 2011 година, што е рокот до кој една дивоградба мора да биде изградена за да биде легализирана, тогаш дел од барателите биле деца кога ги дале изјавите, тврдеше градоначалничката.4
Првичните обвинувања од Арсовска уследија откако таа објави фотографии и документи за, како што тврди, тековни градби без дозволи во Чаир алудирајќи дека општината системски го толерира, па дури и овозможува нелегалното градење. Потоа, продолжи со примери на легализации на објекти кои не смееле да се случат.
Од друга страна, екс-градоначалникот на Чаир, Ганиу во своите изјави го ставаше проблемот во поширок контекст, наведувајќи дека дивоградбите не се нов феномен, туку наследен проблем од минатото и оти бројките што се изнесуваат се намерно манипулирани за политичка дискредитација. Според него тогаш, Чаир не е исклучок, туку една од општините што најмалку придонеле во вкупната бројка на нови дивоградби од 2011 година наваму.