Град Скопје денеска информира дека е раскинат договорот со фирмата „Слобода превоз“ за вршење на услугите јавен превоз на патници. Од Градот велат дека договорот е раскинат поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од него.
-За жал „Слобода Превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот, истиот е раскинат. Ги повикуваме сите приватни превозници да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела, соопштија од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Од таму велат дека градскиот јавен превоз функционира непрекинато, а ЈСП Скопје во овој момент има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани.
Град Скопје апелира до „Слобода Превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот.
-Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на „Слобода Превоз“. Со уцени, нема договор, додаваат од Градот.
Претходно беше раскинат и договорот со „Макекспрес“.
Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски денеска информираше дека утре 200 автобуси ќе бидат паркирани пред Градското собрание на булеварот „Илинденска“.
-Пред Градското собрание утре ќе бидат околу 200 автобуси од 6 часот и делумно ќе биде блокиран булеварот „Илинденска“. До кога не можеме да кажеме, ќе покаже утрешниот ден и ќе зависи дали ќе продолжат во текот на викендот и од понеделник. Ако никој не сака да се свести и ако градоначалничката упорно го повторува јавниот интерес и ако се грижи за јавниот интерес, треба да седне. Добриот менаџер, дури и да сме биле криминалци, ќе обезбеди резерна варијанта. Прво се седнува и се разговара. Вака не е во ред, рече Јовановски.
Тој додаде дека ако нема реакција и резултат после утрешниот ден, 200 автобуси од понеделник ќе ги блокираат крстносницата кај ТЦ „Мавровка“, крстосницата кај зградата на Црвен Крст и булеварот „Илинденска“.