Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска синоќа информира дека е решен проблемот со приватните превозници и тие уште неделава се враќаат на скопските улици.
-Проблемите со автобусите ги направија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Секој ден кажуваат дека нема автобуси и дека има проблеми. На Совет ја бојкотираат одлуката за нови 250 автобуси, понудено им е тие да ја изберат банката за кредитирањето и тераат инает. Со приватниот превоз решивме голем проблем. Очигледно е дека заврши како што кажав. Ние не сме имале долг, тоа се тековни побарувања. Само сакавме чесно да се работи. И овие луѓе сега кои што влегуваат во системот на јавниот превоз, се чесни луѓе. Од утре решението е правосилно и имаме луѓе кои ќе се прилагодат на стандардите и верувам дека најдобро ќе ја извршуваат услугата за нашите граѓани, рече Арсовска во гостувањето на вестите на Тв 24.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена обвини дека Арсовска тајно ги платила долговите кон приватните превозници, но го држи градот во клинч бидејќи не сака да потпише нов договор.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа Скопје.
Јавниот градски превоз, во меѓувреме продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.
На огласите можеа да се пријават превозниците но само индивидуално за а добијат линија за автобуски превоз. Претходно тоа можеше да го прават само здружено, преку компаниите за пакет линии.