Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска утрово објави дека повторно е поставен споменикот на Андон Лазов-Ќосето. Според фотографиите, споменикот е поставен утрово на кружниот тек кај „Ист гејт мол“ и хотел „Континентал“.
-Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава, стои во јавната објава на Арсовска.
Град Скопје ја спроведува одлуката изгласана од Советот уште во декември 2023 година. Тогаш, со 23 гласови „за“, 3 „против“ и 7 „воздржани“ Советот на Град Скопје ја изгласа иницијативата за враќање на споменикот на Ќосето, кој пред пет години беше отстранет.
Споменикот беше ставен пред комплексот судови во време на владеењето на екс-градоначалникот Коце Трајановски во 2014 година, а кога на функција дојде тогашниот градоначалник Петре Шилегов беше отстранет и на негово место беше засадено дрво. Oбразложение беше дека се работи за дивоградба.
Историчарите имаат поделени мислења за Ќосето – за едни тој е патриот и борец против непријателите на ВМРО, додека за други е контроверзен лик со темна улога, вклучително и наводна ликвидација на сопствениот брат.