Арсовска им се заблагодари на Левица, ЛДП и ДУИ што не поднеле амандмани: „Лимитирани сем во она што можеме да го реализираме“

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Советот на Град Скопје на денешната 22. седница одлучува за Буџетот за 2023 година.

Поднесени се поголем број амандмани со кои се бараат средства за улици, монтажни паркиралишта, за социјално ранливите категории, за спортот, културата…..

Ставот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е дека буџетот е лимитиран поради енергетската и економската криза.

– Сметам дека со новиот буџет, којшто и самите знаете дека е во рамки на она што ни дозволува законот, сме лимитирани во она што можеме да го реализираме имајќи предвид дека мора да сме подготвени за оваа енергетска и економска криза што следи, рече Арсовска.

Пред отпочнување на расправата на буџетот, градоначалничката рече дека и покрај енергетската криза, Град Скопје се обидел на најдобар начин да ја зачува безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Таа изрази благодарност до советниците од Левица, ЛДП и ДУИ кои одлучиле да не поднесат амандмани на предложениот буџет.

Советниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ со забелешка дека за првпат во Предлог-буџетот за 2023 година нема неведено ниту една ставка, ниту само општи проекти.

Гордан Шутаров од коалицијата предводена од СДСМ во изјава за медиумите рече дека недостига табеларен приказ на проектите кој традиционално бил доставуван заедно со буџетот.

– Затоа ние не сме убедени што од нашите проекти е вметнато во Предлог-буџетот бидејќи го имаме на ниво на основни проекти, а не ги гледаме сите ставки и подставки што треба да бидат донесени, односно се инкорпорирани како предлози дадени од страна на советниците, рече Шутаров.

Прашан што ќе се случи доколку не се донесе Буџетот до 31 декември, Шутаров рече дека во тој случај се оди на времено финансирање до 31 март и дека на некој начин му се дава втора шанса на буџетот да се изгласа. Доколку не се изгласа до 31 март, тогаш треба да се оди на предвремени локални избори за Совет.

Марија Андоновска од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека првпат во историјата не добиле точни ставки во Буџетот.

– Првпат во историјата не го добивме и моравме да се задоволиме со тоа што го има. Не ни објаснува точно што од овие 98 проекти ќе биде прифатено, но ни беше кажано дека најголем дел ќе бидат прифатени и тоа е очекувано бидејќи самите проекти се од програмата и очекуваме целосно прифаќање, изјави Андоновска.

Таа додаде дека и покрај тоа, тие имаат поднесено само шест амандмани кои се однесуваат на социјално ранливите категории, за дел од програмата, за повеќе улици, монтажни паркиралишта, спортот и културата.

Според Мухамед Елмази од ДУИ, за прв пат во историјата на Град Скопје им е овозможено на советниците да доставуваат предлози и очекува тие да бидат реализирани.

– Сметаме дека сите советници од ДУИ, од Алијанса, од ВМРО, од СДСМ и од другите сме доставиле добри проекти. Мислам дека повеќе од 90 проекти на ВМРО, примени се 50, од страна на СДСМ 22, од страна на ДУИ прифатени се 18 итн. Сметаме дека тие ќе се реализираат во 2023. Тоа е одговорност на Град Скопје, што е до нас, ние ќе го подржиме буџетот за 2023 година, рече Елмази.

Тој очекува буџетот да биде донесен во законски предвидениот рок.

Слични содржини