Арсовска изврши увид на новата Ботаничка градина во Скопје

од Radmila Tasevska

Скопската градоначалничката Данела Арсовска денеска изврши увид на отпочнувањето на третата фаза на изведба на новата Ботаничка градина во Скопје во рамки на Зоолошката градина, која се простира на 12.600 квадратни метри. Од Градот информираат дека во следната фаза се продолжува со садење на над 4.600 уникатни дрвја и садници, а завршено е и поставувањето нова урбана опрема, видиковци и други содржини за посетителите, како и на хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.

– Просторот на Ботаничката градина беше претходно празен и неуреден, кој сега е природен спој меѓу Зоолошката градина и Градскиот парк, а нејзиното уредување ја збогатува нашата понуда во рамки на кандидатурата на Скопје – Европска престолнина на културата 2028 и ново зелено катче за одмор и рекреација на посетителите. Како што најавивме по завршувањето на изведба на проектот, во градината предвидени се прикази на ретки или необични растенија, едукативни часови од ботаничари, хортикултуристи и градинари, како и настани за најмладите генерации, изјави градоначалничката Арсовска.

Проектот го изведуваат екипите на јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“.

Од Градот известуваат дека во градината се засадуваат автохтони видови растенија кои се природно распространети кај нас, но ќе има и алохтони видови – растенија донесени однадвор. Се садат воедно и ендемични растенија кои се специфични само за нашата држава.

Слични содржини