Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска соопшти дека не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на нејзиниот мандат. Арсовска вели дека не била известена за таквата обврска откако таа се најде на листата на Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна состојба.
Во дописот до ДКСК кој го испрати и до медиумите, Арсовска тврди дека е мета на јавен линч за деградација.
„Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите – ете баш на истиот начин на кој, за жал, настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, истакна екс-градоначалничката.
Арсовска истакна дека ДКСК наместо да се заканува со прекршочни глоби, да сработи нешто околу мултимилионската корупција во земјава, и сериозните криминали кои се случуваат. Исто така, преку дописот до ДКСК, информира дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера ги објави списоците со имињата на градоначалници кои не поднеле изјава за имотната состојба и интереси. Антикорупциска објави два списоци – едниот со имињата на градоначалниците на кои им престана функцијата, а другиот со оние кои освоија четиригодишен градоначалнички мандат на неодамнешните локални избори.
На листата се најдоа и ексградоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, и нејзиниот наследник на функцијата, Орце Ѓорѓиевски, кои не поднеле изјава за нивната имотна состојба по престанокот, односно по почетокот на мандатот.