Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска најави дека ќе формира своја политичка партија, со цел да учествува на престојните избори. Таа наведе дека се во процес на формирање.
-Сме во една постапка да покажеме на граѓаните дека може различно од она кое што 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку, кажа Арсовска во емисијата „Клик плус“.
Таа истакна дека цврсто верува во „право, правда, правичност, еднаквост, неселективна борба со корупција и криминал“.
-Младите ни бегаат затоа што немаат правна сигурност, додаде градоначалничката.
На прашањето дали се гледа за лидер на таа партија, „градската мајка“ порача дека „пред се е човек со верување и своја идеологија, а таа се темели дека може да се работи чесно, праведно и правично“.
-Верувам дека корумпираните политички елити сериозно се загрозени и оттаму тие напади кон мене во изминативе две години се толку силни, кажа Арсовска.
Сепак, таа не сакаше да открие кои имиња би биле дел од новата партија.
-Не сум сама, јас сум со граѓаните. Има огромна бројка на граѓани кои што знаат дека јас не би се борела, доколку не верувам искрено и не работам чесно, додава градоначалничката.