Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска излезе со обвинувања за градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски дека „нарачувал новинарски текстови против неа“. Таа најави дека ќе има истрага и за случувањата во неговата општина во однос на дивоградби.
„Ти може ќе бидеш кандидат за град Скопје, може не, може имаш криминал, може не, ама јас истраги од финансова полиција немам. Да имав било каква постапка до сега и СДСМ и вашата Мицковистичка ВМРО ќе ме однесеа во затвор за 5 минути, точно за толку време колку ви треба да искуцате наредба за апсење, многу сте јаки. Е сега, бидејќи сум на Конгресот на Совет на Европа известувач и портпарол за справување со корупција, сакам да ти порачам да не брзаш преку ред, остави го Висар да се дозаплетка со криминалот и фалсификатите за дивоградбите, па ќе преминеме на Кисела Вода“, порача Арсовска.
Во својата објава, таа додава: „џабе ти се Орце нарачките, на жена се заканувате со години, сила ми покажувате со години, јас сама против сите вас, а ништо освен ПР и сликање не сте направиле, скопјани поради вас немаат автобуси, немаат функционални претпријатија.
„Ама затоа скопјани имаат од вас гратис многу други работи, само не брзај има време ќе дознаат! А до тогаш продолжи да напаѓаш, очекувано е тоа и наздравје нека ви е кафето и дружбата со Висар Вики Ганиу“, посочува градоначалничката.
На 21 мај, со вклучување во живо на „Фејсбук“, градоначалничката Арсовска шеташе со екипи од Град Скопје низ Општина Чаир и објави дека на неколку локации во Чаир се гради без добиена градежна дозвола. Го обвини градоначалникот Висар Ганиу дека со фалсификувани документи легализирал 10-катница во Чаир и ја впишал во Катастарот. Арсовска рече дека Ганиу на криминален начин, во Чаир, легализирал згради и ги впишувал во Катастарот. Oбвинителството покрена истрага за една дивоградба.