Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска реагираше на синоќешното гостување во дебатна емисија на вицепремиерот и екс-градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити. Според неа, Меџити наместо да дојде во Чаир, таму каде што е најповикан заедно со неговата „принцеза на дивоградбите“, тој се исмева со граѓаните додека промовира туѓи проекти.
Градоначалничката реагира дека проектот за споделување на автомобили е проект започнат во соработка со приватна компанија и претпријатијата на градот Скопје.
-„Храбриот“ Меџити никаде го нема да се соочи на терен со мене за дивоградбите кои тој и Висар Ганиу со години спротивно на закон ги граделе и легализирале во Чаир, со фалсификување на документи и одобренија за тие дивоградби, посочува Арсовска, додавајќи дека срам за Македонија и оваа Влада се Изет Меџити и Висар Ганиу.
-Замислете, човек кој стои позади стотици дивоградби, ставил во ризик илјадници граѓани, фалсификувал документи со својот измеќар, сега е вицепремиер и промовира туѓи проекти пред медиумите и граѓаните, децидна е градоначалничката.
Меџити вчера во вестите на „Тв Сител“ избегна директен одговор на прашањето за акцијата на скопската градоначалничка против дивоградбите во Чаир. Иако Арсовска јавно изнесе документи за над 150 објекти со фалсификувани дозволи, Меџити акцијата ја сведе на политички конфликт меѓу неа и Ганиу околу чистотата во општината. Тој обвини дека акцијата била „нарачана“ и упати критики кон друга општина – Сарај, каде, според него, сите градби биле дивоградби легализирани за едно евро по квадрат.