Жалам што првиот човек на Владата се уште не ги знае законите и нема основни познавања на тоа како функционира локалната самоуправа, за да го повикува градот Скопје да постапува по дивоградби – му порача попладнево градоначалничката Данела Арсовска на премиерот Христијан Мицкоски.
Арсовска го информира премиерот дека надлежност за постапување против дивоградби има општинскиот градежен инспектор.
-Таков инспектор има општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по закон. Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир надлежност има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски, потенцира градоначалничката.
Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, во случајот узурпација на државно земјиште, Арсовска истакнува дека за бесправна градба и нарушување на општа безбедност одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи.
-Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш, наведува градската мајка во својата објава.